Поемата „Никогаш пред ил’ потем” под шифра „Хидаспес” добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2024 година.
Комисијата, во состав Славе Ѓорѓо Димоски, Бранко Цветкоски и Димитар Пандев, разгледа 13 пристигнати ракописи кои ги исполнуваа критерирумите при што констатира дека квалитетот на поемите варира и поголемиот дел, имајќи го предвид угледот на наградата и вредностите на претходните наградени поеми, не е на очекуваното ниво. По опсежна дискусија се констатира дека пристигнатите поеми формално ги исполнуваат конкурсните услови, а пет од нив се издвојуваат со своите поиздржани естетски, стилски, композициски и содржински квалитети. Станува збор за поемите: „Армагедон-големиот суден ден“, „Кирие елеисон“, „Никогаш пред ил` потем“, „Питагорин сведок“ и „Родината. Надеж“.
Жири комисијата едногласно одлучи за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2024 година да ја прогласи поемата „Никогаш пред ил` потем“ под шифра „Хидаспес”, потенцираат.
Поемата врз конкретен историски фон беспрекорно развива и хармонизира полифониско-полилошка структура во строго утврден ритам. Почитувајќи ги основните и специфични критериуми на поемата како класичен жанр, текстот изобилува со богата лексика вклопена во строги синтаксичко-интонациски контури. Покрај историската поемична димензија текстот уверливо ги нагласува и индивидуалните поетски решенија кои ја следат епската димензија на текстот и истовремено укажуваат и на силен творечки капацитет, посочуваат од Комисијата.
Н.С.Ј.