– Проблемот во Охрид е тоа тие што ги предлагаат и пропагираат законите своите сместувачки капацитети наместо преку агенција, ги нудат на интернет. Едно се зборува пред јавноста, а друго се прави и се заобиколуваат туристичките агенции кои мора да платат лиценца за посредување помеѓу приватниот станозидавач и гостите. Никаде на светот нема вакво приватно сместување. Не може кога ќе дојдат гостите да бидат пречекани кај старата пошта или непознат човек да ви тропа на автомобилот, тоа никаде го нема.-вели Перо Јакимов од туристичката агенција „Генералтурист“.
Според него со начинот на кој се нуди приватното сместување во Охрид губи и државата и градот.
– Пет шест луѓе во градот ги собираат средствата што треба да ги собира државата. Тие веќе имаат купено по пет шест стана од тоа неплаќање данок, а даноците кај нас секогаш ги бараат и постои казнена политика. Ако не фатат да не издадеме фискална сметка или слично ќе ги санкционираат агенциите, а под која казнена политика подлежат нелегалните станоиздавачи?-прашува Јакимов.
Со табли на кои е истакната понудата, станоиздавачите чекаат на влезовите од градот, а ги има и во центарот на Охрид каде автомобилите на туристите буквално се напаѓаат. Ништо подобра не е состојбата и на автобуската станица која и по бројните ветувања на градските власти се уште не е изградена. Приватно обезбедување ги штити патниците но само до излезот од автобуска станица, каде ги чекаат станоиздавачите.
Од локалната самоуправа жалат што и оваа година се повторува грдата слика која го урива имиџот на најтуристичкиот град, но велат дека се немоќни да ја спречат ваквата појава.
– И покрај сите напори мора да произнаеме дека не сме успеале и оваа година да изнајдеме решение за ваквата појава. Имаше обиди од Секторот за туризам во соработка со полицијата да се отстранат такавиканите чекачи на туристи но инспекторите за туризам немаат право да легитимираат, а полицијата има право да легитимира но нема право да ги отстранува граѓаните. – вели Никола Маневски, портпарол на Општина Охрид.
Излез од ваквата состојба локалната самоуправа гледа во измени на Законот за туристичка дејност со кои ќе се предвидат повисоки санкции за нелегалните станоиздавачи, но и поголеми ингеренции за туристичката инспекција. Се чека да се отворат и Информативните туристички бироа, кои според најавите на општината требаше да се изградат на влезовите и во центарот на градот. Наместо информации за категоризираните станоиздавачи и помош од стручни лица, туристите сега се оставени на милост и немилост на уличните чекачи кои за да ги придобијат неретко и погрешно ги информираат за местополжабата на нивните сместувачки капацитети.