Подводно чистење на Охридското Езеро кај селото Радожда ќе биде спроведено во сабота во организација на нуркачките клубови „Норкач“ и „Скаут“ од Струга. Предвидено е чистење на брегот на Охридското Езеро во вода и на копно во должина на Радожда, велат од клубовите.

Во вода ќе влезат искусни нуркачи, придружувани од кајчиња на кои ќе се собере целото ѓубре што ќе се извади од езерото. Акцијата е поддржана од јавното претпријатие „Комунално“, кое со свои возила ќе го соберат сметот и ќе го однесат до крајната дестинација за одлагање, посочуваат од клубот за подводни активности „Норкач” и нуркачкиот клуб „Скаут“.

За чистење на плажата и крајбрежјето, посочуваат дека може да учествува секој, додека за подводното чистење само лица кои поседуваат лиценца за нуркање.

Ве покануваме да бидете дел од акцијата, сите заедно со личниот придонес, можеме да направиме значајна разлика во заштитата на нашето Охридско Езеро. Охридското Езеро е Светско културно наследство и е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија. Од тука, обврската и одговорноста за зачувување на она што сме го наследиле е на сите нас, велат од двата нуркачки клуба во Струга.

OhridNews