Охрид и Македонија имаат многу да понудат кога станува збор за туризмот. Но, во понудата треба повеќе да се вклучува и нуркањето, бидејќи туристите имаат што да видат. Нуркачите со кои разговаравме велат дека е потребна поголема промоција и поддршка во оваа насока од државата. Меѓу најатрактивните локации за нуркање во Охридско Езеро ги посочуваат Охридското Езеро и пештерата Врело.
Огромен е туристичкиот потенцијал на нуркањето. Гостин од Хрватска ни рече дека само 30-40% ни е искористен нуркачкиот туристички потенцијал кој го имаме, но сепак треба малку и државата и градот да учествуваат во афирмација на овие потенцијали. Ние сме подготвени да носиме и пречекуваме туристи нуркачи во секое време, а државата може да помогне во насока на поголема реклама и промоција на туристичките саеми. Убедливо топ локација за нуркање на Охридското Езеро е Трпејца. Има голема длабочина а нашите нуркачи се спуштаат и до 80 метри со компримиран воздух. Исто така и Свети Наум е локација каде доаѓаат на нуркање многу странци. Не можат да веруваат што се има во Охрид. Бистрината и чистотата на езерото се подобри на пример и од Црногорското приморје, истакнува д-р Горан Балевски, претседател на Клубот за подводни дејности Охрид кој деновиве одбележува 40 години постоење.
Во сите големи туристички центри нуркањето зазема едно од првите места во понудата на хотелите и туристичките водичи, вели Емил Јовановиќ од Клубот за подводни дејности Охрид.
И во Охрид со тек на време ќе се валоризира нуркањето и овие напори што ги правиме сите овие години тоа да го заземе своето место и туристите да можат да видат што се нуди Охридското Езеро, бидејќи е уникатно и единствено. Ова што го имаме ние го нема никаде во светот, врсти на риби, сунѓери, полжави. Се тоа е уникатно и неможе на ниту едно друго место во светот да се види. Мора да се посвети внимание за поголема промоција на езерото и она што е во него, додава Јовановиќ.
Посочува дека во поглед на понудата, нуркањето до пред две децении не беше многу застапено, но со макотрпна работа 20-тина години, сега веќе е на некое ниво.
Нашите подводни фотографии се вртат по сите сајтови. Во понудата на Охрид секогаш има некоја слика од езерото и под водата. Како се развиваат технологијата и техниката и нуркањето станува се по достапно за туристите и по лесно е. Доволно е туристите да имаат мало познавање за да можат да ги видат подводните убавини на Охридското Езеро. Ако се сертифицирани можат и да пробаат и подлабоко да нуркаат да ги видат и другите убавини на езерото. Најинтересен за нуркање е делот од Градиште до Љубаништа. Нема многу капачи и сообраќај, карпест е делот има риби, алги, полжави, сунѓери, има што да се види во езерото, потенцира Јовановиќ.
Слободанка Јакимовска од Спелео нуркачкиот клуб „Врело“ од Скопје посочува дека кога станува збор за пештерата Врело, има доста посетители од надвор што доаѓаат специјално за да нуркаат во истата.
Специјално доаѓаат да ја посетат Врело бидејќи е една од најдлабоките пештери во региното и Европа. Доаѓаат од разни земји, Русија, Полска, Чешка, имаме најава и од Франција. Има доста интерес. Сите гости што дошле до сега да ја посетат пештерата на Матка се воодушевени. Не наишле на такво нешто бидејќи отвара огромен простор со преубави ѕидови, преубави карпи, има и сталактити и сталагмити. Едноставно не наишле до сега на такво нешто од убавина. Сите пештери се на свој начин убави, посебно во Мексико, меѓутоа оваа е слатка вода, извор кој доаѓа од многу длабоко и си има своја убавина. Дополнително е многу погодна за луѓе кои сакаат да почнат со пештерско нуркање и можат да дојдат тука да учат и да се обучуваат за пештерско нуркање, бидеќи просторот го дозволува тоа, а и длабочината.
И таа смета дека нуркањето треба повеќе да се вклучи во промоцијата на туристички потенцијал на Македонија.
Дефинитивно, го имаме Охрид, бисерот на Македонија, ја имаме и нашата пештера Врело, но Охридското Езеро си има свои убавини дури и за почетници во нуркањето кои можат да ги видат убавините на езерото под вода, додава Јакимовска.
Н.С.Ј.