Се поголема е заинтересираноста кај туристите за подводно нуркање и доживување на убавините на дното на Охридското Езеро и богатиот жив свет во него.

Венчавка на дното на езерото

Членовите на охридскиот нуркачки клуб Амфора, меѓу кои се искусни меѓународни нуркачки  инструктори како што е Милутин Секулоски, години наназад вршат обуки за нуркање и подводно разгледување на археолошкиот локалитет Заливот на коските.

  • Ќе се уверите самите дека да се нурка е лесно кога се користи квалитетна опрема и низ обуката ве води професионална екипа од интернационални инструктори. Нуркајќи со нас ќе ги доживеете највозбудливите моменти во вашиот живот, велат од Амфора.

Јован Секулоски од клубот Амфора објаснува дека за да се нурка потребна е само желба. Минималната старосна граница е 8 години, а максимална не постои.

  • Има програми за почетници. Ним им се прави еден мал вовед од 15 минути каде се објаснува основата на опремата, како да се движат под вода, како се комуницира и што ќе се види, каде ќе се нурка, подоцна се комплетира нуркачката опрема и заедно со инструкторот се влегува кај археолошкиот локалитет кај музејот на вода, всушност каде што се наоѓа и нашиот нуркачки центар. Има програма и за обука односно школа за нуркање каде секој може да се едуцира и стане сертифициран нуркач, тоа е обука која трае 3 до 5 дена и е доволна за да се стане едуциран и да се располага со вештини за подлабоки нуркања, објаснува Секулоски.

Времетраењето на нуркањето е околу 40 минути, време кое минува брзо, интересно и со голема возбуда при што ретко кој останува рамнодушен на подводните убавини на Охридското езеро.

Т.К.