Подвижна кула која никогаш нема да изгледа исто

Првата подвижна зграда во светот ќе биде осумдесетспратната кула во Дубаи која постојано ќе го менува својот облик. Динамичната кула е дизајнирана така што сите осумдесет спратови можат да се движат.

„Тоа е првата зграда која ротира, се поместува и го менува својот облик“, изјавил архитектот на проектот Дејвид Фишер на конференција во Њујорк.

„Оваа зграда никогаш нема да изгледа исто, ниту еднаш во своето постоење“, додава.

Зградата ќе биде висока 420 метри а ќе служи како станбен објект. Секој спрат ќе се врти за 360 степени, а потребната енергија за тоа ќе ја обезбедуваат 79 огромни турбини кои ќе бидат поставени на основата од секој спрат.

Вртењето на становите ќе произведува голема енергија која е доволна за целата зграда.

Секој спрат еднаш на три часа ќе прави полна ротација од 360 степени, а цената на еден спрат, односно еден стан ќе чини од 3,7 до 36 милиони долари.

Постојат слични планови за изградба на ваква зграда во Москва.