Македонската пливачка легенда Томи Стефановски денес препилива 15 километри во Охридско Езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица. Хуманиот подвиг „Пливање за инклузија“ по повод 15-годишнината од препливување на каналот Ла Манш, Стефановски го започна во 10 часот и 30 минути од хотел Десарет во месноста Пештани, пливајќи до Црквата Св. Јован Канео и назад до Охридското пристаниште каде пристигна нешто по 14.30 часот.
Целта беше благородна. Сакам да се организира овој настан секоја година и да биде за децата со атипичен развој. Да прерасне во традиција и да им помагаме секоја година. Ова е почеток, но мислам дека следните години ќе биде една манифестација која што ќе се памети, вели Стефановски.
Истакна дека секојдневно, заедно со Мартин Мојсовски и Радован Вељановски се со децата со атипичен развој кои тренираат на базен и го гледаат благодетот и жртвата на родителите, но и потребата за нивна поголема инклузија.
Ги гледам тие дечиња на базен и жртвата што ја прават родителите и кога доаѓаат на базен. Не можете да сфатите кој е тој благодет кога ќе видите дека дечињата тука уживаат во водата. Тоа е една средина која ги опушта и мислам дека треба да им обезбедиме, сигурно, посебни помагала кои во денешно време се доста скапи. Еден апел до сите, сите успешни фирми да помогнеме на овие дечиња кои си го наоѓаат местото тука, смислата на животот, си постигнуваат успеси, бидејќи тие деца учествуваат и на натпревари и олимпијади. Да им трасираме еден пат кој ќе ги направи успешни луѓе и дел од ова општество, вели Стефановски.
Во поглед на тоа дали од следната година и друг наш пливач ќе го следи неговиот пример, посочи дека овојпат два-три пати влегол да плива и Александар Илиевски, додека за следната година целта е 16 километри, но и постепено вклучување на децата со атипичен развој.
Целта е за некоја година и овие дечињата да влезат во вода и да направиме како штафета. Да пливам јас и тие со мене. Тоа е и инклузијата, да ги воведеме заедно со нас и да се најдат почитувани од општетсвото.
Според Мартин Мојсовски од ИТК Македонија – Скопје, овој настан претставува обид за уште поголемо вклучување на лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.
Заедно со мојот колега Радован Вељановски се бориме за поголема инклузија во спортот и професионализирање на професијата тренер во адаптивни спортови. Полека, но сигурно добиваме се поголема поддршка од заедницата и овој потфат на Томи е од огромно значење за подигнување на свеста за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и нивна интеграција во системот, објасни Мојсовски.
Ристе Јанкоски, претседател на организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон, рече дека овој хуманитарен настан ќе прерасне во традиција за да се помогне онаму каде што е најпотребно.
Само со заедништво може да им пристапиме на вакви социјални предизвици и инклузијата не само во спортот, туку и во секојдневниот живот, да е нешто нормално. Со овие чекори сакаме на многу поединци и групи да им дадеме шанса да бидат дел од спортот и од општествените збиднувања, заврши Јанкоски.
Во поглед на Охридскиот пливачи маратон, Стефановски, истакна дека годинава ќе биде судија, а Васил Велков ќе биде во Лен серијата како единствен на 25 километри за првпат во историјата.
Два -три дена пред Охридскиот пливачки маратон, на 28 и 29 август, за првпат ќе се одржи Балканско јуниорско првенство на отворени води за деца од 11 до 15 години. Се очекува да има околу 100-тина можеби и повеќе деца и мислам дека тоа ќе биде празник за очи. За нашите деца да дојдат да видат, да пробаат и со самото тоа да поттикнеме и кај младите деца љубов кон овој спорт бидејќи го имаме Охридскиот маратон и треба да го гаиме маратонското пливање за да подоцна имаме сениори. Тоа е и нашата болка, немаме сениорски пливачи, а овој спорт бара сениори, па се обидуваме нешто да направиме во тој поглед, додава Стефановски.
Инаку, на 14 август 2009 година, Стефановски го преплива каналот Ла Манш по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Македонецот Нико Нестор (1958) и 40- годишнината од препливување на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Потфатот на Стефановски тогаш траеше цели 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13-ти на вечната листа во 149-годишната историја на препливување на каналот.
Денешниот хуманитарен настан Стефановски го организира заедно со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и Охридскиот пливачки маратон.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски