Руските сили брзо се повлекуваат од регионите на Киев и Чернихив во северна Украина со цел да се зајакнат на истокот и југот на земјата и цврсто да ги диктираат своите услови, изјави денеска Михаил Подолјак, советник на украинскиот претседател.

Со оглед на овој факт и сите движења и концентрација на окупаторските сили, сосема е јасно дека Русија избра друга тактика како приоритет, напиша Подолјак на Телеграм.

Според него, руските сили настојуваат „да се повлечат на исток и југ, да ја задржат контролата над огромните окупирани територии (не само во регионите Доњецк и Луганск) и таму да се зајакнат“.

Се разбира, не можеме без тешко оружје ако сакаме да го деблокираме Истокот и (јужниот регион околу) Херсон и да ги одбиеме Русите колку што е можно повеќе, вели Подолјак.

Во меѓувреме, гувернерот на Чернихивската област, Вјачеслав Чаус, посочи дека регионалниот центар Чернихив, кој веќе е уништен од борбите во последните недели, не бил цел на нови напади ноќеска. Русите се повлекуваат од регионот на Чернихив, ​​рече тој.

Гувернерот на регионот Полтава Дмитриј Лунин, пак, рече дека руски проектили рано утрово погодиле два града во централна Украина, Полтава и Кременчук, оштетувајќи ја инфраструктурата и станбените згради.

Полтава. Проектил погоди еден од инфраструктурните објекти во текот на ноќта. Кременчук. Многу напади на градот утрово, напиша Лунин во објавата на интернет.

OhridNews