Рано утрово значително е подобрена ситуацијата со пожарите во Грција, откако вчера попладне имаше разгорувања и во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и на островот Родос, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос за грчката телевизија ЕРТ објасни дека во овој момент во земјата се активни три пожари, оној во близина на Атина што избувна во понеделникот, вториот на островот Родос и третиот во областа Лаконија на Пелопонез.

Во западниот дел на областа Атика од синоќа пожарот е под контрола, а продолжуваат да интервенираат 300 пожарникари со 120 возила, а од воздух се гаси со три авиони и седум хеликоптери.

На островот Родос со огнените јазици се справуваат 102 пожарникари со четири авиони и два хеликоптери, додека пак на Пелопонез, во пожарот што избувна вчера интервенираат 52 пожарникари со 15 возила и четири авиони.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа го посети Координативниот центар за операции и управување со кризи, каде што се информираше за ситуацијата со пожарите во земјата и акциите за гаснење.

Од неговиот кабинет соопштија дека со оглед на тоа што во следните денови ќе има екстремно високи температури во повеќе делови на Грција, што создава услови за нови пожари или повторно разгорување на постоечките, Мицотакис е во комуникација со негови колегите со цел да се обезбеди меѓународна помош доколку биде потребно.

Паралелно ја одложи денешната посета на градот Каламата и го откажа учеството на Меѓународната конференција за миграција што в недела ќе се одржи во Рим.

OhridNews