Се забележува подобрување на епидемиолошката состојба, но тоа не значи и дека е добра. Препораката е граѓаните да примат трета доза вакцина, како најдобар начин за заштита од тешки симптоми, хосиптализација и смрт, рече денеска претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски. Според податоците од 1-31 јануари, од 382 починати имало 233 невакцинирани, а околу 150 пациенти биле вакцинирани, најголем дел од нив пред повеќе од шест месеци со две дози, вели Петличковски.
Граѓаните да примат трета доза, бидејќи такви нема меѓу починатите, а хоспитализирани се многу малку. Третата доза штити најмногу од тежок тек на болеста и од смрт и тоа е во моментов препораката од нашата комисија. Тоа се најпроверливите и најсилните податоци, потенцира претседателот на Комисијата.
Зголемување на нови случаи се забележува помеѓу децата од 6 до 14 години, главно меѓу оние кои ја следат наставата со физичко присуство, но нема простор за загриженост. Како што истакнаа од комисијата, скринингот на учениците за утврдување на фактичката состојба ќе почне наскоро. Остануваат апелите да се следат протоколите за настава со физичко присуство.
Во однос на скринингот на училиштата, денес Комисијата за заразни болести даде препораки и насоки да се задолжат одредени здравствени институции согласно методологијата којашто беше утврдена на денешниот состанок, да се отпочне со скринингот и да се заврши во најбрзо можно време, со цел да добиеме релевантни податоци за трансмисијата на вирусот во училиштата, а се однесува за лесно зголемување на бројките на децата од 6-14 години, вели Д-р Злате Мехмедовиќ.
Комисијата предлага наставата на сите факултети да биде со физичко присуство, и да биде поткрепена со вакцинација кај студентите и кај наставниот кадар со цел да има малку проблеми.
Во однос на серoлошкиот скрининг е предвиден на неколку локации во Скопје и воедно на територија на цела држава. Во текот на вчерашниот ден биле собрани околу 200 примероци кои започнуваат да се анализираат.
Паралелно со тестирање во Скопје тестираме и низ државата со тоа што тука ни помагаат трансфузиолошките заводи кои имаат голем број на здрави дарители кои не планираат да се тестираат заради некаков симптом, ќе ги искористиме тие примероци и исто така очекуваме помош и од центрите за јавно здравје, но скринингот во Македонија ќе задоцни ден-два поради организациски одлагања, истакна Петличковски.
Што се однесува до сертификатите за доказ за имунизација, Комисијата е со став дека се уште епидемиолошката состојба не дозволува укинување на сертификатите.
Проблемот со новите варијанти не е нов. Секој пат кога ќе се појави нова варијанта возможно е да има заобиколување на имунитетот. Меѓутоа, сертификатите не се во насока на тоа да се спречи трансмисијата, туку да се спречи пренесувањето на вирусот на оние коишто немаат никаков имунитет. Денеска сертификат не можете да добиете единствено доколку немате прележано болест во последните 180 дена, додека вакцините имаат неограничена важност. Оние коишто не можат да докажат дека ја прележале болеста и на тој начин стекнале имунитет, или се вакцинирале и на тој начин стекнале имунитет, практично ќе бидат заштитени да не можат да влегуваат во простории коишто се од висок ризик за заразување со вирусот, и тоа е интенцијата во моментов на сертификатите, вели Д-р Злате Мехмедовиќ
Во моментот кога ќе има релаксирање на епидемиолошката состојба, секако дека може да разговараме и за поинакви мерки коишто ќе бидат аплицирани, но во овој момент апсолутно не може да стане никаков разговор за да се укинат сертификатите, заклучи Мехмедовиќ.
К.А.