Со звуците на срце кое прекинува да чука граѓанската иницијатива „Ајде“ денеска побара оставка од министерот за здравство Никола Тодоров. Симболично прикажувајќи како престанало да чука и срцето на девет годишната Тамара Димовска, тие се обидоа да ги предизвикаат на морална одговорност и првите луѓе на Фондот за здравствено осигурување, членовите на управниот одбор и првите луѓе на комисиите кои одлучуваа за лекувањето на Тамара во странство.
Активистите на „Ајде“ одлучија да молчат, а преку соопштение порачаа дека девојчето е последна во низата жртви на несовесното и неодговорно работење на здравствениот систем.
-Тие не се грижеа за нејзината здравствена состојба. Уште пострашно, тие воопшто не беа загрижени за животот на ова дете. Беа и се заинтересирани единствено за своите политички интереси. Тие безмилосно тактизираат, калкулираат и жртвуваат човечки животи, напишаа во соопштението.
Во исто време и од Хелсиншкиот комитет до обвинителството ги поднесоа кривичните пријави за несовесно работење во службата против министерот Никола Тодоров и директорите на на Фондот Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази.
Инаку обдукцијата која треба да ги утврди причините за смртта е веќе завршена а резултатите деновиве ќе стигнат во рацете на обвинителството. По ова ќе се знае дали и кого ќе гони по службена должност. Револтот и на социјалните мрежи се повеќе расне, па за во вторник е најавен протестен марш кој ќе започне пред фондот а ќе заврши пред министерството за здравство.
OhridNews
Извор:„Телма“