Државниот пазарен инспекторат кој викендов врши интензивни контроли во туристичките места во државата, до овој момент поднел 22 кривични пријави за непочитување на мерките и протоколите за заштита од коронавирусот Ковид 19, кои се однесуваат на сместувачките капацитети и угостителските објекти.

Од нив 8 се во Охрид, 4 во Струга, 5 се во Битола, една во Пониква на Маврово и 3 во Дојран. Кривичните пријави се однесуваат во делот на сместувањето, една кривична пријава е по основ на пречекорување на работното време, а две за непочитување на протоколот за дозволениот број на гости во угостителските објекти и растојанието помеѓу масите и столовите. – изјави утрово во Охрид Мери Продановака од Државниот пазарен инспекторат.

Проданоска истакна дека од направениот увид во Охрид констатирано било дека економските оператори во најголем дел ги почитуваат протоколите. Таа најави дека интензивните контроли ќе продолжат и денеска со поддршка на инспектори од Скопје и Кичево и со асистенција на полицијата.

Предмет на контролата се категоризирани сместувачки капацитети кои имаат соодветно решение за вршење дејност, а контролите најчесто се вршат после 16 часот кога почнува полицискиот час и сите мора да се во местата каде се сместени, појасни Продановска.

Согласно законот, висината на казната на прекршителите на мерките за заштита од коронавирусот Ковид 19, против кои се поднесени кривични пријави, ја одредува судот на предлог на јавен обвинител.

OhridNews