До УЈП поднесени се вкупно 12.480 барања за мерката за минимална плата од 14.500 денари, информира Фатмир Битиќи, специјален советник на премиерот во Владата. Рокот за поднесување барања истекува за три дена, на 7 мај и затоа се очекува овој број да се зголеми.

Како што изјави Битиќи, според податоците на надлежните институции, бројот на невработени во март бил зголемен за 2.000 лица, а во април за уште 7.000 лица.

Според Битиќи, голем е интересот на граѓаните за двете кредитни линии кои се пласираат преку Развојната банка, Ковид 1 и Ковид 2, во вкупен износ од 13,7 милиони евра во вид на бескаматни кредити. Овие кредитни линии се наменети за микро, малите и средните претпријатија за подобрување на нивната ликвидност. За кредитната линија Ковид 1 одобрени се 631 бескаматни кредити за фирми со вкупно 5.558 вработени.

Според структурата на одобрените кредити, 76 отсто биле за фирми до десет вработени, односно микро претпријатија, за мали фирми до 50 вработени биле одобрени 22,1 отсто од кредитите и за средни компании до 250 вработени – еден отсто од кредитите.

Кредитната линија Ковид 2 е уште активна. До вчера до Развојната банка за оваа кредитна линија биле поднесени вкупно 1.260 барања.

Битиќи најави уште една кредитна линија во износ од 51 милион евра, како што рече, под исклучително поволни услови.

OhridNews