Денес од страна на ЈП „Билјанини Извори“ врз основа на ЗКП на РМ поднесена е кривична пријава до ОЈО Охрид и СВР Охрид, поради основано сомнение дека пријавената Гордана Јованоска, како поранешен директор на ЈП „Билјанини Извори’’ извршила продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл. 353 ст. 4 в.в. ст. 1 а в.в. со чл. 45 од Кривичниот законик на РМ, информираше на прес конференција денеска, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Александар Китески.
Пријавената Гордана Јованоска злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување на директор на ЈП „Билјанини Извори“, спротивно на законските приписи и тендерската документација, во име и за сметка на претпријатието, во 2018 година по спроведена постапка за јавна набавка, со правното лице „Електро Софт Инженеринг“ ДОО Скопје, во својство на носител на набавката, склучила Договор за јавна набавка на услуги за имплементација и експлоатација на систем на зонско паркирање на паркинг простор со цена на извршување на услугите од 1 016 900 денари, односно износ од 1 200 000 денари со ДДВ, која цена на извршување на услугите ќе се надоместува во вид на надомест од 15 % (петнаесет проценти) од вкупниот нето приход, па не назначувајќи дека максималниот износ т.е. не назначувајќи дека цена на услугите која може да ја исплати јавното претпријате и кој износ не смее да се надмине е износот од 1 200 000 денари со ДДВ, овозможила по исплата на овој износ, носителот на набавката да фактурира и наплаќа дополнителен износ, во случај кога за истото немал законски и правен основ, а со кои дејствија на јавното претпријатие му причинила значителна материјална штета над 3 000 000 денари, вели Китески.
Пријавената Гордана Јованоска од Охрид во својство на директор на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид, додава, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување на директор на јавното претпријатие, без да спроведе постапка за јавна набавка и без да склучи договор за јавна набавка, во период од месец 05/2020 година заклучно со месец 10/2020 година продолжила да ги користи услугите на правното лице Електро Софт Инженеринг ДОО Скопје за имплементација и експлоатација на систем на зонско паркирање на паркинг простор со кој располага ЈП „Билјанини Извори“ Охрид и вршела плаќање на паричен надомест на правното лице Електро Софт Инженеринг ДОО Скопје, а со што на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид му причинила значителна материјална штета над 1.000.000,00 денари.
Понатаму, пријавената по спроведена постака за јавна набавка во својство на директор склучила договор заведен кај ЈП „Билјани Извори“ Охрид на 20.10.2020 година за јавна набавка на услуги за тековно одржување на паркинг системот плементација и експлоатација на систем на зонско паркирање. Овој Договор е со важност од 24 месеци. За време на важење на овој Договор цената за извршување на услуги изнесува 1.000.000,00 денари со вклучен ДДВ, а кој надоместок требало да биде исплатен во вид на надомест од 15 % од остварениот приход на ЈП месечно, исклучиво по основ на наплата на паркирање преку СМС пораки. За реализација на овој договор, пријавената како директор исплатила надомест поголем од договорениот во јавната набавка, односно предизвикала штета во значителен износ кој е поголем за 1.000.000,00 денари, истакнува Китески.
Од ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид упатуваат повик до ОЈО Охрид веднаш да постапи за ваквите незаконски дејствија и даде налог на, како што рече, незаконски поставениот началник на Економски криминал во СВР Охрид, Сашо Јанкоски да спроведе истрага по основа на оваа кривична пријава.
Н.С.Ј.