Додека од македонската страна на Охридското Езеро на сила е забрана за лов на ендемската пастрмка, во Поградец стопанските риболовци секојдневно од езерото вадат неброени килограми пастрмка која потоа се продава во рестораните во Албанија по цена од околу 10 -12 евра за порција. Друштвата за заштита на пастрмката предупредуваат дека во Албанија се врши геноцид врз  рибниот фонд, бидејќи се лови неконтролирано и со несоодветен рибарски алат, од што најмногу страда подмладокот на пастрмката.

– Се лови со влакови, со секаков вид мрежи, се фрлаат грунчарници со помали окца наменети за грунци, но се фрлаат на места каде ја има пастрмката, така што се ловат оние пастрмчиња со кои Хидробиолошкиот институт го порибува езерото, и така се врши  еден невиден масакр врз рибниот фонд во Албанија. – вели Радован Димитриески од СРК „Св. Апостол Петар“.


Се изловува подмладокот на пастрмката предупредува Димитриески

Албанската пастрмка по илегални канали стигнува и во охридските ресторани. Сопствениците на угостителските објекти не кријат дека добиваат понуди за шверцувана риба, која според нив нема да ја има на пазарот, доколку надлежните институции го променат односот кон заштитата на рибниот фонд и обезбедат одредена количина која исклучиво би се продавала во охридските ресторани.

– Продаваме лесковачка скара, а не можеме да да ја нудиме пастрмката, иако може да земеме риба од албанската страна од каде ни ја нудат. Во менијата не смееме да ја имаме, а ако ја имаме пишуваме цена по која ја продаваме, плаќаме ДДВ на крадена риба или продукт кој што не смееме да го продаваме.-ни изјави познатиот охридски угостител Љупчо Патче.


Угостителите не сакаат да продаваат крадена риба

Угостителите сметаат дека надлежните институции треба да изнајдат начин пастрмката како најпознат бренд на охридскиот туризам да се врати во легална продажба во охридските ресторани, за што се подготвени да издвојат финансиски средства кои потоа би се искористиле за ревитализација на рибниот фонд.

-Јас предлагав на Хидробиолошкиот институт ние да добиеме и платиме концесија и годишно да ни се обезбеди одредена количина риба да не купуваме од крадците дали од Албанија, дали од тука. Средствата од тоа би се инвестирале за обновување и заштита на рибниот фонд и сметам дека со добра организација може да го направиме тоа и да ја вратиме охридската пастрмка на менијата во рестораните, додава Патче.


Наместо пастрмката, охридски бренд е лесковачката скара

Спортските риболовци се воздржани околу ваквиот предлог на угостителите, кој според нив може да предизвика и контра ефект.

– Тоа е мач со две острици. Дали ќе придонесе да се намали рибокрадството или истото ќе се канализира преку разни испратници и слично и онаа риба што сега се шверцува од Албанија и таа ќе се легализира. Тоа експертите треба добро да го изанализираат, смета претседателот на СРК „Св. Апостол Петар“ Радован Димитриески. Според спортските риболовци комерцијална продажба на пастрмката не смее да се дозволи додека не се реши проблемот со заштитата на рибниот фонд, што според нив е невозможно да се направи без заеднички напори на двете држави.

Горан Момироски