Со традиционалниот концерт на отворено што ќе се одржи вечерва со почеток во 20 часот во предворјето на црквата Света Софија, подмладокот на анасамблот „Билјана“ ќе одбележи 10 години од формирањето. На концертот по повод јубилејниот роденден заедно со членовите на ансамбл „Билјана“: Јован Поп Стефанија, Ангел Трајковски, Христијан Томевски и Христијан Чавкоски, ќе настапат и саксофонистот Горан Папаз, Бендот „Камелеон“, Емилија Колоска и долгогодишната соработничка и вокал на Ансамблот за народи песни и игри „Танец“, Мартина Костова. Концерот кој ќе биде во духот на Охридска визита, е посветен е на прерано починатиот член на ансамблот Андерј Лаброски. Во јули годинава постхумно излезе и песнарката „Охридски музички бисерник“, која публиката ќе може да ја купи на самиот концерт по цена од 400 денари, а дел од средствата се наменети за хуманитарни цели.

За јубилејот, почетоците, албумите и идните планови разговаравме со членот на ансамбл „Билјана“ Јован Поп Стефанија.

ON: Како дојде до идејата за формирање ансамбл кој ќе продолжи по стапките на „Билјана“?

Јован Поп Стефанија: Идејата дојде некако спонтано. Поттикнати од страна на Кузман Поп-Стефанија јас и мојот брат некаде пред завршувањето на основно училиште се решивме да го формираме подмладокот на овој ансамбл заедно со уште неколку другари од училиште со цел да се продолжи музичката традиција на нашиот град. Ансамблот претрпе неколку измени низ овие десет години меѓутоа се’ уште не води идејата за зачувување и продолжување на трубадурската традиција на нашиот град.

ON: Составот „Билјана“ формиран во далечната 1957 година од Кузман Поп Стефанија, Сотир Димитроски, Бајрам Адем, Душко Мареноски, Ташко Петроски и Томче Луканоски згаснува во 2002 година. Седум години подоцна, по твоја иницијатива, го формирате ансамблот „Билјана јуниор“. Што те поттикна на еден ваков чекор?

Јован Поп Стефанија: Од мали сме задоени со оваа музика, сме ја слушале на сите домашни прослави секогаш се пееле и се свиреле овие песни, едноставно ги имаме во крвта, народски речено. Инаку седејќи едно попладне во неврзан разговор со стрико ми Кузман дојдовме на идеја да го формираме овој ансамбл и ете стигнавме до скромен јубилеј.

ON: Што ги одбележа првите десет години од постоењето на вашиот ансамбл?

Јован Поп Стефанија: Почнавме скромно во 2009 не заејќи што не очекува. Со помош на Кузман Поп – Стеафнија го одредивме правецот по кој оваа група треба да се движи. Во текот на овие 10 години ансамблот претрпе неколку измени, за жал, човекот кој беше музички стожер на ансамблот, Андреј Лаброски не напушти.

Инаку ансамблот во текот на овие 10 години издаде два носачи на звук, настапи на неколку фестивали, има неброени настапи на семејни веселби и прослави, меѓутоа тоа што ќе ја одбележи оваа прва декада е излегувањето од печат на песнарката „Охридски музички бисерник“ – монуметално дело од ваков вид во нашиов регион, напишана од Андреј Лаброски, кое ќе служи како учебник за следните генераци да можат да го допрат духот на староградската песна.

ON: Дали ви се исполни првичната желба – да постигнете барем дел од успехот кој го одбележа постоењето на стариот ансамбл „Билјана“, кој во некогашната Југославија сними шест лонг плејки и две сингл плочи и двете сребрени?

Јован Поп Стефанија: Еве веќе 10 години не води нивната идеја. Се надеваме дека публиката и слушателите се задоволни од тоа што го работиме бидејќи на крајот на концертот аплаузот е тој што ни дава поттик да продожиме понатаму.

ON: Колку староградската песна е прифатена од младите генерации?

Јован Поп Стефанија: Се повеќе и повеќе, иако кога почнавме таа беше во надолен тренд. По 10 години можам да кажам дека македонската народна музика е широко прифатена од младите не само во Охрид туку и цела Македонија. Се прават преработки на стари песни се снимаат и нови песни во духот на староградската музика. Слободно можам да кажам дека почитувањето на македоската народна музика низ годиниве се издигна на едно високо ниво.

ON: Кои се вашит е идни планови?

Јован Поп Стефанија: Продолжуваме активно да работиме низ Македонија, а песнарката „Охридски музички бисерник“ во најбрзо време ќе добие англиско издание. Во октомври ќе имаме концерт во Белград, а после тоа ќе почнеме со снимање на нови материјали со надеж што побрзо да се видиме на промоција.

OhridNews