Во рамките на „Охридско лето“, денеска и утре ќе се одржува „Подиумот на млади“ како предвесник на 61. фестивалско издание.
Во црквата „Света Софија“ вечерва со почеток во 20 часот ќе настапат младиот пијанист Александар Хаџиевски од Србија, како и обоистот Андреј Петрески од Македонија.
Хаџиевски е еден од попознатите млади пијанисти од Белград што работи со добри музичари и освојува бројни интернационални награди, меѓу кои и третата наградата на натпреварот „Џорџ Гершвин“ во Њујорк во категоријата млади музичари. Андреј Петровски се смета за еден од најдобрите обоисти во Република Северна Македонија кој сега веќе работи во Сараевската филхармонија на позицијата прва обоа. Тој е избран да биде учесник заради неговите досегашни впечатливи настапи во земјава.
„Подиумот на млади“ е проект чиј идеен творец и организатор е Музичката Младина на Северна Македонија која на публиката на „Охридско лето“ пред свеченото отворање ѝ носи исклучително талентирани млади музичари со внимателно одбрана програма.
По 22-годишна пауза проектот повторно се врати на фестивалската сцена во 2019-тата година носејќи ги младите и исклучително талентирани уметници.
„Подиумот на млади“ е востановен пред 50-тина години. Имавме прекин од 22 години за да се вратиме повторно во 2019 година. За жал, заради пандемијата, минатата година не настапивме, но продолжуваме годинава и се надевам ќе траеме уште долго на „Охридско лето“, вели претседателот на Музичката Младина на Република Северна Македонија, Александар Герасимовски.
Тој најави дека „Подиумот на млади“ во иднина ќе носи и млади уметници, не само од регионот, туку и пошироко.
Планираме преку Светската федерација на Музичката Младина, изборот и предлогот да биде од повеќе земји со појасни критериуми за да се вратиме со тридневна програма на фестивалот како што беше порано на самите почетоци, сѐ со цел, да го претставиме актуелниот момент на младинското творење, не само од Балканот, туку и од Европа и светот, појаснува Герасимовски.
Утревечер, на истата сцена и во истото време, црква „Света Софија“, 20 часот, во рамките на „Подиумот на млади“ ќе концертираат младите македонски уметници, хармоникашот Филип Петрески и пијанистот Виктор Рафајловски.
Филип Петрески е еден од најталентираните млади хармоникаши со стекнати бројни награди. И пијанистот Виктор Рафајловски кој е четврта година од своето средно музичко образование припаѓа во групата најталентирани млади уметници, токму поради неговата вештина да совладува моше сложени програми на пијаното.
OhridNews