Традиционалното подготвување на ајвар, лутеница, малиџано, пинџур, туршија, царска салата, кечап, мармалад, слатко и други видови на зимници, кое во минатото беше дел од есенското секојдневие на секое охридско домаќинство, од година во година станува вистинска реткост.

Граѓаните велат дека главната причината за оваа состојба е нискиот животен стандард и беспарицата кои зимницата ја претвориле  во вистински луксуз.

-Годинава иако цените се нешто пониски од минатата година, ќе купам само 20-тина килограми црвена пиперка за да направам малку ајвар и ќе ставам малку жива туршија. Порано подготвував многу повеќе зимница, но сега можностите не ми го дозволуваат тоа. Сметам дека подготвување на зимница сега може да си дозволат само семејствата со поголем буџет, вели повозрасна госпоѓа од Охрид.

Дека е намален интересот за купување на намирници за подготвување на зимница потврдуваат и охридските пазарџии.

-Од година во година е се помала е побарувачката на зеленчук за подготовка на зимници иако цените не се многу високи. Оние граѓани кои сепак ќе се одлучат да прават зимница ја подготвуваат во многу мали количини. Во минатото дури работевме и по нарачки, но сега тешко може да го продадеме и она што веќе го имаме набавено, вели искусен трговец кој продава на охридскиот пазар.

Инаку според понудата во рамки на вчерашниот пазарен ден во Охрид, црвената пиперката ајварка се продаваше по цена од 23 и 24 денари за килограм, модрите  патлиџани чинеа 25 денари по килограм, а црвениот домат од 30 денари па нагоре. Карфиолот и морковот се продаваа по цена од 40 денари, а корнишоните по цена од 40 и 50 денари. Доколку се купува поголема количина на производи, пазарџиите нудат и попусти на цените.

Е.М