Апелираме фабриките и погоните да ги почитуваат препораките и да ја реорганизираат работата во смени. Препораката на Владата производството да се одвива во 4 смени со цел да има што помал број вработени во смена и да се дезинфекцира просторот после секоја смена, велат од владата од каде посочуваат дека е регистрирано непочитување на препораките од Владата од страна на дел од производствените компании, рестораните и други субјекти..

  • Инспекциските служби се на терен и ќе го санкционираат секое непочитување на владините одлуки и заклучоци, потенцираат надлежните.

Владата го подготви првичниот пакет мерки за најзагрозените сектори, како туризмот, угостителството и транспортот, со цел полесно справување со последиците од настанатата состојба поради Корона вирусот. Од владата велат дека за кратко време, на бизнисот ќе му биде на располагање директна финансиска поддршка од 5,7 милиони преку Развојната банка на Република Северна Македонија. Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти! Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.

Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 илјади до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати.

Субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеди по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година. Субвенцијата ќе може да се искористи под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година и ова да важи од денот на користење на мерката. Исто така, услов е компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради корона вирусот.

Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75% треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението.

Советот на Народната банка подготви и предлог Одлука за управување со кредитниот ризик чија цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори. Тековно се прават консултации со банките и очекуваме наскоро да биде донесена од Советот на Народната банка.

Ликвидноста на компаниите треба да ја помогне и ослободувањето од аконтациите од данок на добивка зафирмите од индустриите погодени од коронакризата зааприл, мај и јуни, велат од владата. Државата ќе се откаже од претплаќање на дел од данокот од погодените компании. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со вирусот.

Законски затезната камата ќе биде намалена за 50% восоработка со Министерството за правда, а се намалува и казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%. На провајдерите за одржување на фискалните каси им се препорачува намалување на цените заодржување за 50%.

Владата веќе донесе одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезифекциони сретства со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Исто така 100 процентно се ослободуваат од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останари, средства за дезинфекција, медицински алкохол, заштитни наочари.

Со Фонд за туризам којшто во моментот се проценува на вкупно 74 милиони денари ќе се обештети туристичкото стопанство да ја пребродат кризата во согласност со бројот на вработени.

OhridNews