Во тек се подготовките за прославата на празникот Богојавление–Водици во Охрид. Од организациониот одбор на манифестацијата најавуваат величествено одбележување на празникот, потенцирајќи дека Охрид и годинава ќе биде центарот на одбележувањето. Се очекува голема посетеност на настанот од гости од земјата и странство, за кои охридските хотели нудат сместувања по симболични цени.

  • Манифестацијата е од исклучително значење за нашиот град, дотколку повеќе што годинава се одбележува 30-годишен јубилеј од првата масовна организација на овој празник на Градското пристаниште. Затоа и оваа година максимално сме посветени на подготовките и внимателно ги планираме сите детали, за и оваа година да имаме величествен ден, народен собир достоен на значењето и вредностите на овој голем празник, рече на денешната прес конференција градоначалникот Константин Георгиески.

Во однос на верскиот дел од програмата, од Дебарско-кичевската епархија информираат дека во сите парохиски цркви на 19 јануари од 7 часот ќе се служат утрински богослужби, а централната архиерејска литургија ќе се одржи во црквата „Света Богородица – Каменско“ од 8:45 часот. Од 9:45 часот литијата ќе се упати кон Градското пристаниште, каде во 10 часот ќе се изврши Големиот богојавленски водосвет и ќе биде положен чесниот и животворен крст во осветените води на Охриското Езеро. Пријавувањето на сите верници што планираат да влезат во езерските води ќе се врши во сите цркви на епархијата од 16 јануари.

За безбедноста на капачите кои ќе скокаат по Светиот крст ќе се грижат четири екипи спасители на вода со два чамци, три нуркачки екипи и осум медицински екипи распоредни долж брегот и на Градското пристаниште. Поради ниската температра на езерската вода што сега изнесува 6.5 степени, надлежните апелираат до капачите да бидат особено внимателни и да не се задржуваат подолго во вода од пет минути.

  • Верниците воопшто да не консумираат алкохол пред влегување во вода, како и претходно да обезбедат сува облека и обувки за откако ќе излезат од езерото. За сите нив се обезбедени основни лекарски прегледи за да се утврди нивната физичка подготвеност за влегување во вода. Обезбедена ќе биде и пристапна рампа за влез на лица со попреченост во осветените езерски води, информира претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.

Екипи од охридските јавни претпријатија како и нуркачи од Клубот за подводни активности, од 16 јануари ќе започнат со дислокацја на пловните објекти од Пристаништето, а ќе се врши и чистење на езерското дно.

Во рамки на забавниот дел, општина Охрид организира голем концерт на балканската музичка ѕвезда Петар Грашо, што ќе се одржи на 18 јануари во 20 часот на Градскиот плоштад. Како и секоја година на 20 јануари, ќе се одбележи и Денот на рибарите. Предвидени се низа културно-забавни содржини и концерт на македонската фолк-ѕвезда Миле Кузманоски. На Малиот плоштад традиционално, ќе се приготвува рибна чорба во голем казан.

OhridNews