Подготовките за ЕАПС Форумот во Охрид што ќе се одржи на 28 и 29 јуни оваа година, се одвиваат според предвидената динамика и во согласност со Меморандумот за разбирање потпишан со НАТО Тимот на 16-ти минатиот месец во Охрид, соопшти денеска на прес конференција министерот без ресор, Аднан Ќахил, кој ќе раководи со интересорската група задолжена за организација на форумот.

Евроатлантскиот безбедносен форум на министрите за надворешни работи на земјите учеснички е нов облик на партнерство во рамките на НАТО во кого се вклучени сите 26 – членки на Алијансата, членките на Партнерството за мир, земјите од Медитеранот, учесниците на Истанбулската конференција, како и земјите од Далечниот Исток – партенри на НАТО преку разни форми на соработка, рече министерот Ќахил.

Првиот  ваков Форум се одржа пред две години во Оре, Шведска.Како организтори ние ја имаме таа чест да ја продолжиме и утврдиме традицијата на вакви важни форуми. Кај нас за прв пат, освен безбедносниот  ќе биде вметнат и дискутиран и економскиот елемент, рече Ќахил, нагласувајќи дека за Македонија Форумот е од исклучително важен карактер за да се покаже и докаже капацитетот за организирање на значајни настани и за реафирмирање на припадноста кон европските и евроатлантските структури.

За таа цел формирано е координативно тело со структури кои се пандан на структурите на НАТО Тимот од Брисел, координирано од министерот без ресор Ќахил со учестуво на министрите за надворешни работи и за одбрана, а во кое се вклучени и министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски и други претставници од Владата.

Главниот  настан, на кој се очекуваат околу 800 гости заедно со 200-те акредитирани новинари од светот и од Македонија, ќе биде во хотелот „Инекс Горица“ каде за таа цел се вршат преадаптации. Листата на главните гости, како што кажа Ќахил, ја одредува генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер, а Македонија има право да ги покани само претставниците на невладините организации и оние за кои смета дека ќе помогнат за нејзиниот имиџ.

Очекуваме и се надеваме на поддршка од целата јавност во Македонија бидејќи на едно место веројатно за прв пат ќе има над 100 министри од земји кои се членки на НАТО и на партнерските земји на Алијансата, рече Ќахил искажувајќи надеж дека Форумот ќе биде успешен.Тој не очекува Безбедносниот форум да ја чини Македонија повеќе од предвидените два милиони  евра.

МИА