Сeптември е препознатлив по мирисот на приготвена зимница која е нераскинлив дел од македонската традиционална кујна. На пазарите зеленчукот е со повисоки цени, во однос на минатата година во сезоната на зимници. Пазарџиите посочуваат дека причина за тоа се временските непогоди.

Цените годинава се повисоки. За споредба, ако минатата година најдобриот домат имал цена од 30 денари за килограм, годинава толку чини најлошиот, има двојно поскапување на цената, тоа се должи на временските непогоди, а роба има се помалку и тоа е влијание од климатските промени. Годинава охридскиот регион го зафати град, ако не е градот ќе има пепелница, така да се оштетуват производите и помалку ги има, раскажува Цветко Ангелески, пазарџија.

И најновите податоци од Државниот завод за статистика бележат зголемување во цените на мало кои во август пораснале за 4,9 проценти во однос на јули.

Најкарактеристичен за подготовка во македонската кујна е безвременскиот ајвар. Пласманот на „ајварката“ годинава почна без проблеми, но со значително повисока цена од минатите години. Откупната цена за прва класа пиперка во преработувачките капацитети се откупува од 30 до 35 денари за килограм, а втората од 20 до 25 денари. Освен преработувачите, „ајварката” ја откупуваат и трговците во гајби по цена од 30 до 40 денари за килограм во зависност од квалитетот.

Цената на „ајварката “моментално на големо е 40 денари, релативно висока затоа што фати и голема суша, а и имаше многу штета од невремето со град. Има некоја заинтересираност, но цените се малку повисоки и луѓето не купуваат, имаме многу малку муштерии, се надеваме дека во периодот што следи ќе се подобри ситуацијата, вака не се троши робата, вели друг пазарџија на охридскиот пазар

Според кажувањата на пазарџиите, зимница генерално прават постарите генерации кои сакаат да ја зачуваат традицијата, додека помладите се одлучуваат да купат готови производи од маркет. Според нив луѓето од година во година се помалку прават зимница. Тие велат дека постепено пазарите замираат, причината ја гледаат и во моменталната ситуација во која живееме, а и во тоа што во маркетите ги има истите артикли кои можат да се купат на пазар.

Традицијата на подготвување зимница, а особено подготовката на ајвар, еден од највкусните специјалитети и најголемите тајни на балканската кујна,  е стара со векови и веројатно е дека кај дел од домаќинствата и годинава ќе се испочитува. Иако, рецептот за ајвар води потекло од Македонија и го има во речиси секое домаќинство во државава, се уште не е официјализиран како национален бренд.

К.А.