Светските сили не постигнаа заеднички став околу прогласувањето на независност на Косово. Одлуката на косовскиот парламент кој прогласи еднострана независност ја подржуваат западните сили, додека Русија изрази противење на таквиот потег.
Разликите помеѓу истокот и западот биле констатирани на итната седница на Советот за безбедност што вечерва се оджа на барање на Русија. Жалиме што Советот за безбедност не може да се договори за идните дејствија во врска со Косово, се вели во изјавата на седумте земји – Белгија, Франција, Италија, Велика Британија, Хрватска, Германија и САД, пренесува АФП.
На консултациите на Советот за безбедност на ОН пред утрешната седница на која се треба да се обрати српскиот претседател Борис Тадиќ присуствуваше и генералниот секретар на светската организација Бан Ки Мун. Тој соопшти дека во однос на статусот на Косово на сила сеуште е резолуцијата на ОН 1244 и ги повика Србите и косовските Албанци на воздржаност .
Косовските лидери заедно со стотина илјади граѓани до доцна во ноќта ја славеа независноста на плоштадот во Приштина. Меѓу нив имало и најмалку 10.000 Албанци од Македонија.
И додека во Приштина се слави во Белград жестоко се протестира. Најмалку 35 лица се повредени во нередите кои ги предизвикаа учесниците на протестот по повод прогласувањето на независност на Косово. Меѓу повредените има и полицајци и цивили.Демонстрантите се судрија со полицијата пред амбасадите на САД и Словенија, а нередите продолжиле и низ белградски улици.
Официјален Белград го отфрли едностраното прогласување на независност. Премиерот Коштуница ги обвини САД и ЕУ за непринципиелна политика и кршење на меѓународното право и најави дека Србија никогаш нема да го признае независно Косово.
Македонскиот државен врв засега е воздржан околу косовското прашање. Владата соопшти дека внимателно ќе се следи развојот на настаните околу Косово, а одлуките ќе ги носи согласно интересите на граѓаните и државните интереси. Лидерот на ДУИ Али Ахмети од митингот на кој се славеше независноста на Косово во Скопје го повика државниот врв да го признае Косово. Независноста на Косово вчера беше прославена и во Струга, како и во повеќе други градови во западна Македонија.
Г. Момироски
фото:beta