Неколку села и помали градови во околината на Кардица во централна Грција се целосно поплавени, а жителите, засолниште најдоа на крововите на домовите во исчекување на помош, јави дописничката на МИА од Атина.

Според видеата објавени на социјалните мрежи, најпогоден е градот Паламас каде што дел од куќите се целосно под вода и се гледаат само крововите. Карактеристично е и видеото во кое татко со помош на душек за на плажа, низ поплавените улици ги спасува своите деца и кучето.

Преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до оние кои се наоѓаат во Паламас да ги напуштат приземјата и подрумите на објектите.

Според портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, поради тоа што водата надминува два метри, отежната е интервенцијата на спасувачки тимови со булдожери, чамци, хамери и возила од армијата, а поради молњите не е дозволена интервенција од воздух со воздушни средства.

OhridNews

фото. МИА