По повод 5-ти декември, Светскиот ден на волонтерството, Црвен крст Охрид во вторник, 5 декември, под мотото „Надеж“ организира дефиле на волонтери, со старт во 12:30 ч. од плоштад Чинар и цел кај Холандскиот парк.
На дефилето се поканети волонтери од сите возрасти и области на делување од здруженијата во нашиот град. Дефилирајќи низ градските улици на Охрид, волонтерите на одредени места ќе изведуваат соодветни перформанси нагласувајќи ја потребата и корисноста да се биде волонтер и испраќајќи силна порака дека волонтерството е „Надеж“ за подобро утре и дека секој може и треба да го најде волонтерот во себе, велат од ОО Црвен крст Охрид.
Волонтерството е доброволно давање на услуги инспирирано единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка, и има за цел намалување на ранливоста на населението, во согласност со принципите на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Волонтерството не е бесплатна работна сила, туку сила која креира и развива. Нашите волонтери донираат нешто многу повредно од парите и материјалното, тие го донираат своето време, додаваат од ОО Црвен крст Охрид.
Движењето на Црвениот крст во светот брои преку 130 милиони волонтери, а 7 од 10 луѓе во Европа се волонтери.
OhridNews