Вилата на Хју Хефнер е под истрага на заводот за јавно здравство од Лос Анџелес откако стотина луѓе пријавиле дека патат од главоболка и проблеми со дишењето откако на почетокот на месецов биле на забава во неа. Откако интернет претприемачите присуствувале на тридневна конференција, по која била организирана забавата, два дена подоцна голем број од учесниците се пожалиле на проблеми со здравјето. Жртвите наводно на своите фејсбук и твитер профили пишувале за симптомите кои ги мачеле, по што за целата ситуација бил информиран заводот за јавно здравство.
Еден од посетителите на забавата рекол дека застрашувачко било тоа што сите ги имале истите симптоми во исто време. Многумина за тоа ја обвинувале вилата на „Плејбој“, но не можеле да бидат сигурни во тоа. Некои мислат дека виновен бил апаратот за вештачка магла кој бил користен на забавата. Портпаролот на вилата рекол дека соработуваат во истрагата и додал дека никој од вработените во неа не се разболел.