Еден пар кој патувал во Јужноафриканската Република доживеал вистинско непријатно изненадување кога под хаубата на својот автомобил пронашле питон долг пет метри.

Бритнаците Мерлин и Леон Свонпул биле во посета на националниот парк Кругер во Јужноафриканската Република. По долгиот пат кој го изминале во својот автомобил одлучиле да направат мала пауза, а во близина на нивниот автомобил здогледале голем питон кој набрзо го изгубиле од вид.
Тие повторно влегле во својот автомобил и го продолжиле нивното патување се додека не заприметиле дека моторот прави чудни звуци по што одлучиле да запрат. Тие ја подигнале хаубата, а глетката ги шокирала – џиновската змија била замотана околу моторот на автомобилот. 
Пробале најразлични начини да ја извадат но не успеале па одлучиле да возат понатаму надевајќи се дека ќе најдат некој кој би можел да им помогне. Но откако тоа не се случило тие повторно се паркирале и ја отвориле хаубата, а овој пат змијата веднаш се одмотала од моторот и исползела во тревите во близина на патот.