Вевчани ги одбројува последните часови пред најголемиот празник во „державата“, Василица. Во Горна и Долна маала, скришум во најголема тајност се прават завршните подготовки за големиот карневал. Така е со векови, раскажуваат вевчанци. Кај и да си за Василица дома да си, велат храбрите жители на селото кое со столетија е синоним за патриотизам и слободарски дух. Вевчани вечно им пркоси режимите, а ехото од историските случувања во 1987 година силно одекнува и денес. Начинот на кој вевчанци си го сакаат селото и татковината е единствен исто и како Вевчанскиот карневал.


Вевчани се подготвува за карневалот

Отворениот театар во Вевчани, е еден ретките во светот, кој со векови ги  задржал традицијата и древните пагански обичаи. Преку пораките кои василичарите секоја година ги испраќаат на оригинален начин, Вевчани всушност го отсликуваат секојдневното живеење. Традиционално за Василица се маскираат само мажите, а жените ги подготвуваат домовите за големата веселба.


Кај и да си за Василица дома да си ! – Вевчани

Вевчанскиот карневал годинава благодарение на „Travel Chanell“ ќе го види милионски аудиториум во целиот свет.

Градоначалникот на Вевчани, Васил Радиноски, вели дека  се’ е подготвено за големиот карневал. „Карневалот може да почне уште веднаш“ вели Радиноски. Според него Вевчанскиот карневал допрва ќе добива уште поголеми димензии кои значително ќе придонесат во туристичка афирмација и промоција на охридско струшкиот регион.


Се’ е подготвено за карневалот-градоначалникот на Вевчани Васил Радиноски

Годинава за прв пат свеченостите околу Вевчанскиот карневал ќе започнат на 12 јануари. Попладне ќе се одржи презентација на винарии, а вечерва  сред село ќе има голем музички хепенинг на кој ќе натстапат Александра Пилева, Бени Шаќири, Суперхикс и ди-џеи од Струга..

Традиционалното дефиле под маски ќе се се одржи на 13 јануари, по што следи народна вечер на која ќе настапат Сузана Спасовска, Есма, Соња Тарчуловска и други. Вечерта ќе заврши со посета на познатите Вевчански извори на полноќ.

Горан Момироски
фото: Васко Бујароски