Во Струга, денеска, по 58- ми пат ќе биде отворен поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Годинава на манифестацијата ќе учествуваат 32 странски и 30 домашни поети, а програмата на фестивалот има 52 настани. Покрај Струга како град-домаќин, каде ќе се одржат најголем дел од настаните, поетите во рамките на програмата „Поезија на пат“ ќе се претстават и во Охрид, Калишта, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и Скопје.
Една од новините во фестивалската содржина е „Поетската порака“. Автор на годинашната „Поетска порака“, која ќе биде прочитана на церемонијата на отворањето на фестивалот е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.
Фестивалот за прв пат ќе биде четиријазичен – покрај на македонски и англиски, главните читања на фестивалот ќе бидат и на албански и француски. Најголемиот дел од настаните ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот YouТube канал на манифестацијата.
Како новитет, „Струшки вечери на поезијата“ годинава преку повикот за волонтери, отвори можност за млади луѓе, вљубеници во пишаниот збор, да се ангажираат во логистичкиот дел на фестивалот и да добијат можност да се запознаат и да се дружат со врвни поетски имиња.
Фестивалските настани утрово во 10 часот со садење дрво во Паркот на поезијата во Струга и поетско читање во чест на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2019 година, славната романска поетеса Ана Бландијана. Потоа во 12:30 часот во Конгресната сала на хотелот „Дрим“ ќе се одржи прес-конференција со лауреатката Бландијана.
Гала-отворањето на „Струшки вечери на поезијата 2019“ ќе почне во 20:30 часот на платото пред Центарот за култура. Половина час подоцна на истото место ќе почне поетското читање „Поетски меридијани“.
OhridNews