Верниците од исламска вероисповед од денеска го одбележуваат муслиманскиот свет месец Рамазан, кога пророкот Мухамед го објавил Куранот.

Рамазан е период во кој исламските верници се молат и постат од изгрејсонце до зајдисонце, апстинирајќи од секаков вид храна. Рамазан е месец на молитви и добри дела. Во текот на Рамазан припадниците на исламот треба да се чуваат од злодела и лоши мисли.

По повод Рамазанските пости порака до верниците упати поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија Реис Улема Сулејман ефенди Реџепи.

– Рамазан е месец на исламската солидарност и еднаквоста помеѓу луѓето. Во овој месец сиромашниот треба да биде помогнат, сирачињата треба да бидат поткрепени, задолжените треба да бидат поддржани, а пак оние кои се определиле да ги изучуваат изворите на исламот треба да бидат грижа и совест на сите муслимани. Алах ги изедначил обврзувајќи ги со постот и оние кои се богати со оние кои се сиромашни, оние кои се од една раса со оние кои се од друга раса, сите луѓе се еднакви во извршувањето на оваа Алахова обврска без разлика на нивната национална, етничка и друга припадност. Месецот на Рамазан е месец на мирот и спокојството, на духовното воздигнување на човековото битие, месец во кој се што прави верникот наградата ја добива од Алах, се вели во Рамазанската порака на Реис Улема Сулејман ефенди Реџепи.

По повод светиот месец Рамазан, честитка до сограѓаните од муслиманска верисповед упати и градоначалникот на општина Охрид, Алексанадар Петрески:

– Рамазанските пости нека минат во знакот на  бериќет, љубов, простување и толеранција мегу сите нас кои како сограѓани тежнееме за соживот, добробит и растеж на нашата општина и Охрид како град познат ширум светот, се вели во Рамазанската честитка на градоначалникот Петрески.

Ohridnews