Со низа настани и активности ќе биде одбележана 132-годишнината од упокојувањето на големиот охридски и македонски поет и преродбеник, Григор Прличев. Настаните се одржуваат во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“.
Чествувањата започнуваат денес, со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“ во изложбениот салон со почеток во од 11:45 часот.
Точно на пладне ќе се одржи главниот настан, кога на малата сцена започнува свеченоста посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“. Покрај предвидената културно-забавна содржина, со артистичка изведба ќе биде претставена наградената поема „Никогаш пред ил’ потем“ на годинешниот лауреат на Повелбата за најдобра поема „ Григор Прличев“ на авторот Андреј Ал-Асади.
За утре е предвидено положување цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, а од 11 часот ќе се одржи панихида на гробот на Прличев во дворот на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“.
Од 11:30 часот во Спомен-куќата на Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ каде, меѓу другото, ќе бидат врачени наградите на одбраните литературни творби на конкурсот што го распишува охридското основно училиште што го носи името на „Охридскиот Хомер“. Настанот ќе биде заокружен со читање на наградените творби и промоција на книгата „Охридските писатели во книжевната критика“ на авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.
Во 12:30 часот предвидено е полагање ловоров венец и свежо цвеќе пред спомен–бистата на Прличев пред градската библиотека, при што е предвидено и обраќање на Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писатели на Македонија.
„Прличева визита“ е настанот што ќе се одржува од 13 часот во „Прличевата одаја“ на градската библиотека, во рамки на која ќе биде врачена и наградата на лауреатот на најдобрата беседа за 2025 година, што оваа година и припадна на Ева Ивановска.
Програмата за одбележување на годишнината од смртта на Прличев завршува со свечена приредба по повод патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ од 19 часот во Центарот за култура.
OhridNews