Првата Македонска православна црква изградена надвор од Македонија пред половина век, “Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица”  во Мелбурн, Австралија со која започна Македонскиот црковен живот надвор од матичната земја, со голема прослава денес и утре ќе ја одбелези 50 годишнината од своето постоење.

Осветена во 1960 година во Фицрој, централната област на Мелбурн, црквата која од 1995 година постои во населбата Епинг, е  изградена и опстанала и покрај притисоците на црквите од соседните народи на Балканот. За Македонците во овој дел од светот овој настан е од големо историско значење за сочувувањето и одбраната на идентитетот и самобитноста на Македонскиот народ далеку од татковината.

– Повеќето активисти кои учествуваа во изградбата на црквата беа од Егејскиот дел на Македонија. По граѓанската војна во Грција, откако ни беа одземени црквите, сменети имињата, уништени селата, а немавме можност ниту да се служиме со нашиот Македонски јазик, иселени далеку од родните огништа, сакавме да покажеме кои сме и од каде сме. Со Македонците од сите делови на Македонија, 50 години докажувавме дека постоиме и ќе постоиме, и дека каде и да сме во светот, нашиот идентитет, црква, култура,јазик и се што ни припаѓа, ќе го продолжиме. – вели Сотир-Сем Ристовски, претседател на Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија.


Во Мелбурн, еден од најголемите центри на Македонската дијаспора во светот, неофицијално има повеќе од сто илјади Македонци кои тука се населиле од почетокот на минатиот век, што е околу една третина од вкупниот број на Македонските иселеници во Австралија. За нив црковниот живот втемелен во “Свети Ѓорѓи” е непобитен доказ за постоењето на Македонскиот идентитет. 50 годишниот јубилеј на првата Македонска православна црква во дијаспората  во Мелбурн ќе биде одбележан со свечена академија на поранешните и сегашни активисти, промоција на книгата за црковниот јубилеј од Роберт Михајловски, изложба на фотографии од животот и активностите на црквата, богослужба во “Свети Ѓорѓи”, свечен бал на кој се поканети гости од Австралија, Македонија и дијаспората, како и со  други пригодни манифестации.

                                                        Од Австралија за OhridNews:Нина Кепеска
фото: Ричард Калајџи