Божиќните пости, кои го најавуваат раѓањето на спасителот Исус Христос почнуваат денеска и ќе траат до 6-ти јануари. Во овој период верниците се воздржуваат од косумирање мрсна храна, телесни задоволства и се молат пред Бога. За разлика од велигденските во божиќните пости е дозволено консумирање риба.
„Под пост, во поширока смисла на зборот, се подразбира севкупниот наш христијански живот и начин на постоење во Црквата, опфаќајќи ја тука и молитвата. Затоа, условно, постот можеме да го поделиме на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто го подразбираме телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. Овие денови точно треба да се запазат и никој да не измислува, без благослов, повеќе или помалку од она што Црквата од Светиот Дух вдахновена го определила.
При определувањето на телесниот пост треба многу да се внимава. Не е можно секој човек, секоја конкретна личност да си наложува и да се оптоварува со иста тежина. Во Црквата живеат, се спасуваат и деца во развој (од кои до нивната седумгодишна возраст воопшто не се бара телесен пост како подготовка за Причест) и изнемоштени, остарени луѓе, потоа луѓе болни или оптоварени со тешка физичка работа, како и жени, бремени или со доенчиња. На сите овие духовниот отец, свештеникот, ќе им определи пост според нивните телесни сили или ако треба и сосема ќе ги ослободи од него.
Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели. Од телесниот пост духовниот отец, може да не разреши, но од духовниот пост – никој, па дури ни ангел од небото. Затоа, телесниот пост не е секогаш неопходен како подготовка за Света Причест, додека пак, духовниот е неопходен. Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата. Сепак и телесниот пост многу го помага духовниот“.
(извадок од Посланието „За постот, за молитвата, за исповедта и за Светата Причест“, од книгата „Слово од Елеуса“)