Со меѓународното поетско читање „Меридијани“, вечерва, во Домот на поезијата во Струга свечено ќе започне 52- от поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.
Потврдено е присуството на околу 50 странски поети, но на фестивалот ќе дојдат и директори на фестивали, на значајни асоцијации, издавачи од Мексико и од регионот.
Добитник на наградата „Мостови на Струга“, која за дебитантска книга десет години ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, годинава е македонската поетеса Николина Андова за книгата „Влезот е од другата страна“. Таа е прв поет од Македонија што ја добива наградата.
Во рамки на фестивалот ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала. И годинава ќе ги има стандардните содржини – симпозиум (годинава на тема „Поезијата – војна и мир меѓу јазиците“), промоција на поетски книги од едицијата на СВП „Плејади“, Ноќ без интерпункција…
Поетскиот портрет на годинешниот поет-лауреат Хосе Емилио Пачеко ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид на 24 август.
Во изминатите пет децении фестивалот Струшки вечери на поезијата го посетиле над пет илјади есеисти и критичари, а 47 поети го добиле највисокото признание „Златен венец на поезијата“.
OhridNews