Ана Липша Тофовиќ

Со концерт посветен на оперската певица Ана Липша Тофовиќ, вечерва на сцената на Античкиот театар свечено ќе биде отворено јубилејното 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалот оваа година ќе се одржи со скратена програма и во вонредни услови на светска здравствена криза предизвикана од корона вирусот Ковид 19.

На концертот насловен како „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ, ќе изведат популарни арии.

Токму на овој ден пред шест децении  првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ со концерт во Св. Софија го означи почетокот на една исклучителна традиција. Оттогаш 4 август се одбележува како роденден на фестивалот.

Целокупната програма ќе биде реализирана на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворје на Св. Софија, како и црквата Св Софија. Од 4-ти до 30 август таму ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји. Публиката оваа година ќе има можност да види 26 концерти од кои два се во рамки на офф-програмата.

И оваа година во Охрид ќе настапат врвни музички имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ- САД, Фукио саксофон квартет од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, Масимо Мерчели флејта-Италија, мецо сопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет од Германија, Ариан Баке обоа Франција, Дуо Солипс. Од Македонија ќе настапат Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл Про Арс со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин и уште многу ексклузивни уметнички имиња.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди претстави од домашните театарски куќи. Публиката ќе има можност да ја види претставата „Сестрите прозорови“ работена по мотиви на „Три сестри“ од Чехов, коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев во изведба на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. Драмски театар ја носи претставата „Чудесна терапија“ по текст на Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски, а Театар Комедија ќе ја изведе претставата „Човек, ѕвер и доблест“ од Луиџи Пирандело, во режија на Егон Савин. НУ Гостиварски театар премиерно ќе ја изведе претставата „Полковникот Птица“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски, а Театарот за деца и младинци ќе ја изведе претставата „Јованче и Марика“ од браќата Грим, во режија на Давор Драгојевиќ. Фестивалот свечено ќе биде затворен со преставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Билге Емин на НУ Турски Театар, Скопје кој годинава слави 70 годишен јубилеј.

Фестивалот ќе се одржи под строго утврдените протоколи и мерки за заштита и спречување на ширење на корона вирусот Ковид 19, поради што бројот на гледачи на настаните ќе биде лимитиран.

Покровител на фестивалот е Претседателот на државата Стево Пендаровски.

Г.М.