На 15 јули во земјава ќе се одржат десеттите предвремени парламентарни избори. Овие избори се одржуваат во ек на најголемата здравствена криза кај нас и во светот, поради што е променет и начинот на гласање. За прв пат ќе се гласа три дена.

Денеска, 13 јули, ќе гласаат болните од Ковид и лицата во изолација. Вкупно ќе гласаат 716 такви лица во целата држава. За ова гласање формирани се посебни избирачки одбори во чиј состав ќе бидат тројца здравствени работници и претставници на политичките партии.

На 14 јули, вторник, ќе гласаат болните и изнемоштени лица, лицата во старските домови, затворениците и лицата во домашен притвор. Вкупно 8852 лица. Ова гласање ќе го спроведат стандардните избирачки одбори.

Избирачките места на 15 јули, среда, која е неработен ден, ќе бидат отворени во 7 часот, а ќе се затворат во 21 часот. Гласањето ќе се одвива согласно донесениот здравствен протокол со мерки на заштита од Ковид како што се задолжително носење заштитна маска и држење дистанца.

Гласањето ќе се одвива на 3390 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.263 граѓани. На овие избори учествуваат 15 партии и коалиции.

Г.М.