Верниците од исламската вероисповед го почнуваат рамазанскиот пост кој трае 29 дена. Во тој период верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење и други физички задоволства.

По повод почетокот на Рамазанските пости поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, упати честитка со верниците.

-Месецот Рамазан е период на зголемување на обредите, молитвите, но исто така и размислувањата за чистење на душата, за наоѓање на излез од секојдневните проблеми. Само во овој месец, во моментот на размислување, изненадувачки се чувствува потребата за знаење, за учење, за да се биде постојан модел на добар човек. Постот како чин е прекрасно дело, поради тоа што се прави за Бога. Тоа е тешко – но е и еден пријатен тест, тешко – но со големи наградувања. Среќник е оној којшто го очекува овој месец на постот. – се вели во рамазанската честитка на поглаварот на ИВЗ.

Честитка по повод почетокот на рамазанските пости упати и Комисијата за верски заедници.

OhridNews