Вкупно 44 учесници и околу 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко, ќе бидат дел од Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, годинава по шести пат ќе се одржи од 16 до 28 август во Охрид. Идејата на школата е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот.

„Преку Школата за млади лидери на претседателот Иванов, сакаме да ги мотивираме младите да ја развиваат својата визија како идни трансформациски лидери на Република Македонија. Визијата на еден трансформациски лидер дава насока, фокус, цел и просперитет. Во Македонија имаме прекрасни млади луѓе кои се добро едуцирани, кои ја сакаат Македонија и сакаат со својот потенцијал и искуство да направат позитивни промени во општеството.  Школата за млади лидери на претседателот Иванов е одлична платформа за нивниот почеток за еден таков одговорен и лидерски предизвик. Преку програмата на ова школа сакаме да мотивираме создавање на „големи“ лидери кои ќе ја инспирираат големината кај другите“, вели Гордица Каранфиловска, раководител на проектот.

Меѓу предавачите на шестата по ред Школа за млади лидери се поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, поранешниот бугарски претседател, Петар Стојанов, директорот на Кралскиот институт за меѓународни односи од Белгија, Марк Оте, членот на Извршниот комитет на Трилатералната Комисија и претседател на организацијата „East West Bridge“, Јован Ковачич, директорот на Европскиот институт на Фондот за Американски студии, Метју Квасиборски како и Генералниот директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕКО“, Абдулазиз Отман. Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, успешни лидери на компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Холандија, Србија, Турција и други земји.

Годинава на школата учествуваат и тројца претставници од организацијата за социјална одговорност од Турција. Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои и поранешните претседатели на Чешка и на Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кадешто преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, се продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.

OhridNews

извор Макфакс