Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа Рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 30 март. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Според исламската религија, Рамазан е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 30 март е Рамазан Бајрам кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник и 31 март (понеделник) ќе биде неработен ден за сите граѓани.

OhridNews