Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 20 април. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 21 април е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар. Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник.

Во пресрет на Рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Шаќир Фетаи истакна дека најнеопходна порака за времето во кое живееме, што Рамазан му ја пренесува на нашето општество е пораката за мир, добрина и хуманост. Оваа порака, посочува тој во честитката, се рефлектира преку солидарност и милосрдие кон луѓето на кои им е потребна, бидејќи со тоа што не јадеме или пиеме, најдобро разбираме што значи да се биде мразен и да се биде сиромашен.

Преку оваа порака се создаваат мостови меѓу богатите и сиромашните, а во срцата на луѓето буди љубов и сочувство. Пораката за зближување исто така е порака којашто ни ја пренесува овој благословен месец. Динамиката на модерното време, како и различните човечки потреби предизвикаа луѓето да се оддалечат едни од други, се оддалечат дури и најблиските членови на семејството. Преку семејните ифтари и суфири, Рамазан го обновува семејното единство, вертикално и хоризонтално. Друга многу важна порака што ни ја пренесува овој благословен месец е подигнувањето на моралот во општеството бидејќи Рамазан, го подобрува однесувањето на тој што пости со тоа што го отстранува од лошите дела, бидејќи постот не е дијета, или едноставно воздржување од храна, пијалок и страст, иако овие елементи го сочинуваат правниот аспект на валидноста на постот, но суштинската цел на постот е да го подигне моралот и побожноста на човекот, вели тој.

Фетаи потенцира дека Рамазан во општеството ја пренесува пораката за учење, школување и образование, бидејќи во овој месец се објави величествениот Куран. Во овој аспект, Рамазан со право може да се смета за месец на науката, образованието, книгата, моливот, писмата и пишувањето. Правилното и суштинско разбирање на овој карактер на Рамазан, според Фетаи, носи придобивки не само за нас, туку и за целото човештво, бидејќи научните достигнувања не се монопол на одредени народи, туку се општи вредности од кои имаат корист сите луѓе.

Дозволете ми, на крајот во име на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија, нејзините органи и образовни и едукативни институции, како и од мое лично име, вам и на нашите сонародници кои живеат и дејствуваат во западните земји, Ви посакувам лесен пост. Нека преовладува мир насекаде во светот, љубов еден кон друг, кон нашите семејства, кон пријателите, кон соседите, но и почит и толеранција кон нашите сограѓани без разлика на етничка и верска припадност, вели во честитката Реисул-Улема Фетаи.

OhridNews