На 10 септември, сабота, ќе се одржи 35 издание на охридскиот пливачки маратон. На патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри ќе пливаат осум пливачи од пет различни земји.
Во скоп на маратонот планирани се и дополнителни содржини кои ќе се одржат оваа година се со цел да се врати сјајот на маратонот, соопштија организаторите.
Денеска во 19 часот на плоштадот „Долна порта“ ќе има претставување на учесниците на маратонот. Обраќање ќе има градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, по што ќе биде доделена наградата „Климе Савин“ на пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ како и благодарница за афирмација на пливањето на охридскиот пливачки херој Марко Пејчиноски.
Според програмата обраќање ќе има и претставник од Државниот архив. Поставена ќе биде и изложба на стари фотографии од минатото, а ќе биде прикажан и документарниот филм „Охридските пливачки легенди“. Вечерта ќе биде заокружена со коктел во рамки на манифестацијата „Охридски фестивал на виното“.
Во текот на утрешниот ден филмот и изложбата ќе може да ги погледнат децата од основните и средни училишта во Центарот за култура „Григор Прличев“. Терминот за изложбата е 11:40 часот, додека проекцијата на филмот е со почеток во 12 часот.
Сабота е ден резервиран за Охридскиот пливачки маратон чиј старт е во 10 часот во Св. Наум. Во 11 часот на Кеј „Македонија“ ќе се одржи работилница заедно со децата од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и УНДП на тема „Заедничките перспективи, младите за Охридското Езеро“.
Во 14 часот на Кеј „Македонија“ следува музичка изведба на Ансамбл „Билјана“, по што се очекува и пристигнувањето на пливачите на целта.
OhridNews