Во Македонија денеска официјално почна предизборната кампања за шестите претседателски избори. Во трката за шеф на државата се тројца кандидати Гордана Силјановска (ВМРО ДПМНЕ), Стево Пендаровски (СДСМ) и Блерим Река (Алијанса/БЕСА).
Традиционално ВМРО ДПМНЕ предизборната кампања ја почнува од Охрид со митинг кој ќе се одржи вечерва на градскиот плоштад.
СДСМ предизборната кампања, пак, ќе ја почне од Прилеп, а Блерим Река ќе одржи митинг во Скопје.
На претстојните претседателски избори право на глас ќе имаат 1.808.131 граѓанин. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај. За изборите да бидат успешни, потребно е вда излезат најмалку 40 насто од запишаните гласачи или нешто над 723.000 избирачи.
Заедно со претседателските избори ќе се одржат вонредни локални избори за градоначалник во три општини Охрид, Дебар и Ново Село.
Во Охрид во трка за градоначалник влегуваат петмина кандидати: Стевче Стевоски од Демократи, Михаил Трендафилов-Нанче од ГДУ, Митре Милошевски од ВМРО ДПМНЕ, Џемаил Мена од БЕСА и Константин Георгиески од СДСМ.
Вонредни локални избори во Охрид се одржуваат поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски.
Исто како и за претседателските првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 21 април, а вториот, доколку биде потребно, на 5 мај.
Кандидатите за градоначалник кампањата ќе ја почнат денеска со прес конференции и средби со граѓани.
OhridNews