Со богослужби и верски обичаи во Охрид и охридско ќе биде одбележан празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот познат уште и како Голема Богородица.
По повод празникот, денеска, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ Каменско, со почеток во 17:00 часот ќе се служи празнична вечерна богослужба со опело на „Пресвета Богородица“. На вечерната богослужба ќе чиноначалствува Митрополитот Дебарско–кичевски и администратор Австралиско–сиднејски г.Тимотеј.
На денот на празникот, 28 август, вторник, со почеток во 8:45 часот ќе се служи света архиерејска литургија (Едноцрквие), на која ќе чиноначалствува владиката Тимотеј.
По повод празникот кај црквата посветена на Богородица во Скребатно, утре традиционално ќе се одржи голем црковно народен собир на кој секоја година присуствуваат по неколку илјади верници. Верниците во Скребатно ќе вкусат од традиционалната манџа специјално приготвена за овој празник.
Релиси две децении црковниот одбор во кој членуваат повеќе истакнати граѓани по потекло од скребатскиот крај, се грижат за црквата и трпеливо го надградуваат познатото излетничко место кое од година во година привлекува се поголем број постители.
Црквата Успение на пресвета Богородица целосно е возобновена пред десет години на темелите на стариот храм, кој со точност не се знае од кога потекнува. Скребатно за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година.
OhridNews