Денеска почнува постапката за избор на претседатели на општинските организации на СДСМ. Изборот ќе се врши преку еден инклузивен процес кој ќе трае неколку месеци и кој ќе има два циклуси на консултации со месните организации. Aктуелниот претседател на СДСМ Охрид, Науме Јованоски Чакар, вели дека со оглед дека постапката почнува и ќе трае извесен период, засега е многу рано да каже дали ќе се кандидира.

Се уште е рано да соопштам дали ќе се кандидирам за претседател на ОО на СДСМ Охрид. До 15 јануари треба да се свика Извршниот одбор за да се започне процедурата за избор на претседател. Од 16 до 21 јануари настапуваат со свои предлози Месните комитети, додека пак од 24 до 31 јануари има самокандирање. Од 1 февруари ќе течат консулатции со Централното раководство, вели Јованоски Чакар.

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ истакна дека треба да се чуе гласот на секој член и заедно да бидат избрани вистинските кандидати за претседател во секоја општинска организација на партијата.

Првиот човек на нашата општинска организација мора да биде со силен личен интегритет, почитуван во средината и во поширокото членство, посветен на интересот на граѓаните и државата. Тој човек сам по себе треба да биде промената што треба да ја воведе во општинската организација, да интегрира и да обединува. Да го сплотиме целиот наш човечки потенцијал, да ги избереме висинските луѓе, додаде Зечевиќ.

Инаку, постапката следи по оставката на Зоран Заев и изборот на новото партиско раководство.

Димитар Ковачески на лидерската позиција го замени Заев, кој поднесе оставка по поразот на партијата на локалните избори. Беше избран на внатрепартиските избори што се одржаа на 12 декември.

На одржаната седница, пак, на Централниот одбор на СДСМ беше избрано и новото раководство на партијата. Стефан Богоев, Фатмир Битиќи, Бисера Костадиновска Стојчевска и Перо Костадинов беа избрани за потпретседатели на СДСМ, додека за генерален секретар на партијата беше именуван Миле Зечевиќ. За организациски секретар беше избран Вангел Андрески, а за секретар за меѓународна политика Бојан Маричиќ. Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска го продолжи мандатот добиен на Конгрес.

Н.С.Ј.