Во пресрет на самитот, подеднакво е присутен оптимимазам колку и песимизам дека мерките кои ќе бидат предложени за разрешување на должничката криза ќе ја спасат Еврозоната. Францускиот претседател Николас Саркози беше најдиректен изразувајќи отворено стравување за иднината на еврото и Еврозоната доколку не се изнајде решение за кризата. Тој се надева дека на претстојниот самит ќе биде постигнат компромис за понудените решенија, затоа што според него Европа нема втора шанса.
– Треба веднаш да се донесе одлука. Што подолго чекаме, одлуката ќе биде поскапа и помалку ефикасна, ако во петок не постигнеме договор, нема да имаме втора шанса, изјави Саркози по средбата со германската канцеларка Меркел и европските лидери на десниот центар што се одржа во Марсеј во предвечерјето на Самитот во Брисел.
Канцеларката Меркел изрази уверување дека ќе бидат изнајдени добри решенија на самитот.
-Уверена сум дека ќе најдеме решенија за сите отворени прашања, истакна Меркел, притоа признавајќи дека тоа ќе биде исклучително тешка задача.
Во решение на кризата верува и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
-Ги повикувам сите шефови на држави да покажат посветеност кон нашата заедничка валута, додаде Баросо.
Нацрт документот кој ќе се разгледува на Самитот во Брисел содржи краткорочни и долгорочни мерки, но малкумина веруваат дека тие ќе бидат прифатени од сите 27 земји членки на ЕУ.