Со филмот “Les Fantômes d’Ismaël” (Духовите на Исмаил), новиот филм на режисерот Арноа Деплешен (Arnoa Deplešena), утре вечер ќе биде отворена најзначајната филмска смотра во светот-Канскиот филмски фестивал, кој годинава слави седум децении од постоењето, јавува 2Макфакс“. Домаќин на престижната церемонија е италијанската актерка Моника Белучи.
Вкупно ќе бидат прикажани 49 филмови од 29 земји, меѓу кои 12 режисери од понежниот пол.
Статуетката „Златна палма“ ќе отиде во рацете на еден од 18-те филмови селектирани во главната програма. Во оваа програма има по четири филмови од Франција и САД, два од Јужна Кореја и по еден од Унгарија, Велика Британија, Австрија, Русија, Украина, Грција, Германија и Јапонија. Меѓу фаворитите се филмот на Софија Копола „Измамената“ со Никол Кидман и Кирстен Данст, новите филмови на Франсоа Озон, Михаел Ханеке и Фатих Акин.
Со високореномираното жири ќе претседава големиот шпански режисер Педро Алмодовар.
Македонска копродукција во компетитивната програма „Un Certain regard“
Филмот „Насоки“ на бугарскиот режисер Стефан Командарев, со учество на македонските продуценти Владимир Анастасов и Ангела Несторовска ќе биде прикажан во програмата „Извесен поглед“, втора по важност компетитивна програма.
За филмот да го изоди патот до црвениот тепих во Кан, заслужни се и македонската костимографка Жаклина Крстевска и потписникот на шминката Мартин Павловски.
Жанровски, „Насоки“ е драма, снимена на бугарски јазик. Инаку, Командарев е еден од водечките бугарски и европски режисери.
Филмот е поддржан и од Македонската агенција за филм.
Во конкуренција со филмот „Насоки“ се селектирани уште петнаесет филмски остварувања, меѓу кои на режисерите Мишел Франко, Куросава Кијоши, Анарита Замбрано.
Минатата година престижната „Златна палма“ ја доби британскиот режисер Кен Лоуч за филмот „Јас, Даниел Блејк“.
OhridNews
извор: „Макфакс“