Со целовечерен концерт на ансамблот „Танец“ вечерва започнува 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри што го организира Центарот за култура „Григор Прличев“. Свеченото отворање на Фестивалот е во Центарот за култура во 20:30 часот. Традиционално пред почетокот на концертот, учесниците на меѓународната фолклорна манифестација ќе продефилираат низ охридската чаршија, а ќе започнат од пред Центарот за култура во 19 часот.

Љубителите на фолклорот ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од државата, Бугарија и Австралија. Влезот е слободен, а настапите на учениците на 4 и 5 јули се со почеток во 20:30 часот.

Најстарата фолклорна манифестација на Балканот, се одржува под покровителство на Собранието на РС Македонија, со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид.

Во рамки на фестивалот синоќа во центарот за култура се одржа изложба насловена „Моменти“ од авторот Антонио Стојчески.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри, ќе трае до 5 јули.

Г.М.