На прес-конференција што ќе се одржи денеска во хотелот „Дрим“, ќе биде претставен годинешниот добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, канадската поетеса, книжевна критичарка, романсиерка и есеистка Маргарет Етвуд. Официјално манифестацијата ќе биде отворена вечерва (20.30 часот) со свеченост што ќе се одржи на платото пред Домот на поезијата.
На 55-то издание на Струшките вечери на поезијата учество ќе земат триесет и двајца поети од 30 земји, меѓу кои Франција, Италија, Кина, Мексико, Израел, Австралија, Хрватска, Бугарија. На манифестацијата што ќе трае до 28-ми август покрај во Струга, поетски читања ќе има и во Битола, Ресен, Охрид. Фестивалската програма завршува на 29 август со поетско Матине на Матка и Меѓународен поетски митинг на Камениот мост во Скопје.
Педесет и петтото фестивалско издание донесува радикални програмски измени, кои ќе овозможат посеопфатна презентација на поетското творештво. Секое попладне ќе се пие „Поетско кафе“ во книжевни разговори, дебати и поетско читање.
OhridNews