Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од денеска до 27 јуни ќе ја организира 48-та летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, која официјално ќе биде отворена утре во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

Годинава на семинарот се очекуваат 78 стипендисти од 20 земји (Австрија, Азербејџан, Бугарија, Германија, Јапонија, Канада, Полска, Романија, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Финска, Франција, Хрватска, Чешка), соопшти УКИМ. Најголем број од стипендистите се студенти на прв циклус студии (37) и на втор циклус студии (14), кои на своите студии го изучуваат македонскиот јазик, како главен или како изборен предмет. Петмина од учесниците се докторанти, чии теми на истражување се поврзани со македонскиот јазик, историја, култура. На семинарот годинава ќе учествуваат и 18 универзитетски професори кои на своите универзитети ги вклучуваат темите од областа на македонскиот јазик, литература, култура.

Покрај редовната лекторска настава преку лекторски курсеви поделени според степенот на познавање на македонскиот јазик, од оваа година летната школа почнува и со напреден курс – преведување. Тој се отвора поради интересот на македонистите кои го завршиле напредениот степен на изучување на македонскиот јазик, а кои чувствуваат потреба од продлабочено проучување на специфичностите на македонскиот јазик во различни функционални стилови.
 
Предвидени се и секојдневни предавања од 25 универзитетски професори од областа на јазикот, литературата, културата и историјата. Зависно од интересот на учесниците, секој ден ќе се одржуваат и два тематски курса: Граматичките категории на македонскиот јазик и Македонска литература и култура.
 
Во вечерните термини ќе има претставувања, промоции и интерактивни настани, преку кои ќе се презентираат најновите случувања во македонската наука и култура.
 
Во рамки на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, на 27-ми и 28 јуни ќе се одржи и 42. Меѓународна научна конференција. Тема на лингвистичката секција оваа година е „Македонската азбука и македонскиот правопис 1945 – 2015“, посветена на 70-годишнината од кодифицирање на азбуката и на правописот на современиот македонски јазик. На конференцијата ќе учествуваат домашни и 20 странски лингвисти.

OhridNews

извор МИА