Денеска во Вевчани започнува 10-тиот по ред Фестивал на народна култура „Пображење” во организација на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол” од Вевчани.

Оваа година поради пандемијата со Корона вирусот, програмата е редуцирана и прилагодена во согласност на новонастанатата ситуација и ќе се реализира под строги мерки и протоколи пропишани од министерството за здравство. Но, и покрај ваквата ситуација, организаторот во чест на десет годишниот јубилеј најавува програма каква што доликува на нивото на Вевчани и на овој фестивал.

Фестивалот ќе започне вечерва во центарот на 19,30 часот со свечено отворање во центарот на Вевчани со Вевчанските зурли и „топани“ и Пејачката група „Каданка“. На отворањето ќе се обрати Проф. Др.Мирјана Мирчевска, етнолог/антрополог, член на организациониот одбор на фестивалот. Веднаш по свеченото отворање, во 20,00 часот на анфитеатарот во Вевчани во дворот на црквата Успение на Пресвета Богородица ќе биде отворена изложбата „1000 години Бигорски Манастир” на која ќе бидат прикажани избор од најстарите и уникатни икони на нашето големо македонско духовно светилиште, Бигорскиот манстирот „Св.Јован Претеча“.

Утре пак, 18 август, на спортското двориште од 20,00 часот ќе биде вечер посветена на традиционалната музика и песна на која ќе настапи Ансамблот „Македонија“ со презентација на чалгиската, вокално – традиционалната и зурлаџиско – тапанџиската традиција на нашата земја. Бидејќи бројот на седишта ќе биде според пропишаните протоколи и ограничен за публика, организаторот ценејќи го секој Вевчанец и својата драга публика каде и да е, овозможи директен пренос online преку youtube kanalot на КУД „Дримкол“ како и преку регионалниот кабловски оператор.

Фестивалот завршува во Среда со третата фестивалска вечер на празникот Преображение Христово во 20,00 часот на националната телевизија НАША ТВ како и со како Online фестивалска програма на која ќе учествуваат: КУД “Дримкол”- Вевчани, КУД ,,Светозар Марковиќ“- Србија, “Ансамбл Македонија“, “La Capouliero“- Франција, КУД “Илинден“ – Битола, Tierra Mestiza – Мексико, ФС “Блажевски“- Скопје. Оваа година во програмската содржина: Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници, учесник ќе биде ликовниот сликар и ликовен педагог Даниел Тодоровски од Кратово.

Убаво е да се биде овие денови во ова автентично туристичко место и да се ужива во природните и културни вредности кои ни ги нуди.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и на Општина Вевчани.

OhridNews